Моето тело повеќе не припаѓа на суштинското битие што е дефиниција за самиот себе.
Душава постана измеќар во еден корпус составен од месо, коски и органи кои се движат низ вештачкиот простор.
Машкоста не е веќе онаа арогантна и своеглава креатура која отекува и тормози со беседење и битисување во овој досаден и механички поларизиран свет.
Таа, нимфа дајада на Пан, мојата Desire, ме повика во нејзината маглива шума која секое утро ги натопува моите сетила со влага од страст и најблудни мириси на смолата од тимјан, спремајќи ги за ритуалот во кој ќе го спои моето машко тело со нејзината беспрекорна женствена машкост.
Нејзината кожа, чиниш налепена со смола тимјанова, до перфекција ја истакнува душевната чистота што блика ко вруток и го напива младото, штотуку всадено семе во мојата ровка почва.
Има некоја двојност во овој сеидбен ритуал што се налепил на нашите тела. Машкост и женственост истовремено.
Јајцето или кокошката, што е попрво?
Вгездени допирни точки на создавањето чиј што амалгам ја крие суштината на прапочетокот.
Машкоста, таа сировост и грубост, спремна да оплоди и создаде, лута немирно пред заводливите ноти на јасмин, ванила, рози и обредна смола од тимјан. Се препелка пред чистотата на јајцеклетката која зрее од ден на ден чекорејќи да биде оплодена и роди нов почеток.
Овој пат таа е прецизна и нежна спрема себе повеќе од вообичаеното.
Грижлива и посветена, со задоволство и хедонизам за себе, препуштајќи му се истовремено на моето осиромашено тело.
Самодоволна и интимна за своите најинтимни делови, најдлабоко чувствителна пред своето битие кое пулсира со прапочетокот на првата клетка што го осознала и причинила космичкото оплодување.
Тие мириси, нејзини мириси, се нејзиниот печат, кој како вознемирувачки сигнал пулсира од црвенилото на нејзината глатка кожа, свесна и растреперена од сета насобрана разуздана крв што ѝ тече низ вените.
Ѝ ја познавам веќе секоја пора на нејзината кожа. Секоја бразда, секој мазен предел, секоја лузна и сок кој истекува. Таа веќе дише и во мојата кожа која ги впива сите нејзини радости и немири. Сиот отров е веќе исчезнат од мене.
Се подавам и го впивам нејзиниот спокој и ги претопувам моите недефинирани црти и состојби.
Тежнеам и нурнувам во претопувањето на моите несовршености во нејзините опијати.
Ја губам својата дефиниција на нецелост и несостојба и ја заменувам со нејзиниот прапочеток и бит; со нејзиното суштествување и живеење.
Чудна некоја состојба е оваа, но ја прифаќам и следам. Мојот прачовечки инстинкт ме води.
И не грешам.
Ова нѐ дефинира нас.
Тој неодолив и бесконечен дуалитет.
Продолжуваме и не запираме. До самата наша неминовна космичка смрт.
Commentaires