top of page
  • Writer's pictureTrans Lover

Заминување

II. Таа



Време е.

Но не знам што би кажала.
Има толку многу што да се каже, но тебе доволно е да те стиснам силно за крупните дланки и со меката кожа на мојот палец да ги галам грубите линии на ноктот на твојот.

Или...

Да ги втријам моите тенки прсти во твоите крути и цврсти ушни школки за да ги галам и почувствувам дека си тука и си вистински.

Го знаеш моето минато. Немам што да кажам тука освен да ти побарам разбирање и прифаќање. Ми требаш, како што ми требаше за се она што до сега го стори за мене. Не знам како би издржала ако не си тука.
Можеби многу потешко отколку пред да те знам. Во тоа сум сигурна.

Често ми надоаѓа таа моја анксиозност кога знам дека е посилна од мене и сакам да избегам од се, да бидам сама и барем малку да го најдам во себе тој мир во тоа осамено прибежиште. Но, тоа низ времето ми се виде дека е само круг кој ме враќа од почеток. Да, се додека не те најдов тебе.
Се уште не можам да поверувам како можеше да се пронајдеме толку длабоко еден во друг? Како два буквари неотворени, а сепак ја знаат содржината.

Ми помагаш околу таа анксиозност и ми помогна да се најдам себе си, а потоа и во тебе. Чувствувам и знам дека си ми потребен, но те молам немој да ме кудиш, го правам она најдобро што го знам оти не сакам да престане ова, бидејќи има толку многу пред нас што чека да биде направено.
За нас!

Знаеш, поради таа анксиозност, сфатив дека не сакам да те повредувам повеќе, оти ми требаш. Не сакам да те гледам повреден и осамен. Доволно долго си бил таков.

Ја препознавам таа осаменост и повреденост. Можеби не знам како да ја изразам кон тебе, но во себе ме обзема возбуда и страв дека ќе изгубам се и повторно ќе се вратам од почеток.
Знаеш, ми треба нешто реално, опипливо вистински. Ти си тој, што можам вистински да го допрам.

Друго ништо не ми е важно.

Глупаво е да ти кажам сега „благодарам!“, оти ти се гледа во очите дека тоа не го бараш, како што и јас во моите очи не знам да го изговорам, оти гледам дека си тука и безрезервно даваш без да земеш.

Одлична сум и многу те сакам.

Извини за се, не сакам да те повредувам и тука сум за тебе, за нас.

Ова се едноставни зборови, оти не знам како да го изразам тоа што го чувствувам за тебе, а тоа што го чувствувам е преобемно и премногу за да можат обични зборови да го кажат.

Навистина се обидувам да најдам барем една сламка и сета таа енергија да експлодира од мене и да ти каже низ зборови се што чувствувам. Но ти тоа веќе го знаеш, нели?
Како да ти кажам, тоа е кога имаш премногу во себе, но не си доволно добар за да го изразиш ТОА.

Спремни ли сме сега?

Јас мислам да, и тоа од многу одамна.

Одиме понатаму, заедно.

23 views

Recent Posts

See All
bottom of page