Замислете еден брзак. Водата тече низ коритото, плиска по камењата, собира со себе лисја кои ќе подзастанат и ќе се зафатат за паднати гранки. Брзакот ќе ги поттурне со сета своја сила и повторно од ново. Нови приказни, нови разговори; времето не се мери, а тоа минува ли минува.
Наш интимен ритуал.
Религиозноста на таа интима беше измешана со шумолењето на нашите усни, светлоста на погледите, допирите по дланките.
Мирисот на нејзината кожа го олеснуваше дишењето при секој допир, но додаваше на бремето во мене. Како опиен маченик среде олтар го бакнував телото на голата икона за покајание и искупување. Нејзината светост ми се подаваше со секое движење на виткоста на рамениците, градите, колковите.
Ритуал со митски тимјан.
Тогаш, таа ми го откри encens mythique.
Цветни ноти од шафран и рози, диво азиско пачули и тимјан. А некаде измеѓу, како остар нож, сивиот ќилибар – amber gris.
Декадентен спој на умирањето и распаѓањето, со раѓањето и животот.
Восочна супстанца создадена во цревата на Кашалот, големиот забест кит, во водите на Тихиот океан недалеку од брегот на Нов Зеланд. Спојот на скапоцениот сив килибар со етеричниот темјан кој остава само минлив белег врз розата која ги отпечатува своите огнени акценти. Бескрајната сладост на сивиот килибар од Кашалот е магичен спој на овие скапоцени парчиња, дали насукани на новозеландското крајбрежје, или извадени од утробата на полураспаднатиот несреќно насуканиот Кашал.
Последното дури и морбидно, бидејќи при сапонификација на несреќникот, како бреме од утробата се вади таа митска сила и да се принесе кон животот и задоволствата на овоземните смртници. Како арома за кафе, додаток во коктел со рум, бадем и каранфил, кора од портокал или кајсија.
Како афродизијак. Како состојка за парфем Encens Mythique.
Од таа ноќ, тие натопени мириси на нејзината кожа, таа нејзина есенција, постана моето најслатко бреме, мојот ќилибар, кој чувствувам ќе идише само при мојата неминовна незнајна смрт.
Не сум го пробал на себе Encens Mythique, ниту помирисал другде спојот на amber gris во Guerlain. Но ја чувствувам неговата суштина и спој со животот наречен Desire за која е посветен овој блог.
Од нашите интимности, ниту Таа не го пробала.
Едноставно е прескап.
Не знам, но убеден сум дека Таа ќе го проба и нејзината кожа ќе ја спои есенцијата на циклусот наречен „раѓање-умирање-раѓање“.
Знам дека ќе мириса неодоливо, знам дека ако еднаш барем ја помирисам нејзината кожа, тогаш комплетно ќе умре товарот во мене и ќе се прероди мојата крута снага во нејзината нежност.
До тогаш, товарот во мене е amber gris наречен Desire.
Мое бреме, длабоко вкалапено во мојот стомак кое немилосрдно боли при секоја нежна солза исплакана за мојата љубов кон неа.
Мојата ENCENS MYTHIQUE.
П.С. 28.12.2021
Вчера, откако го објавив овој текст разбрав од неа дека неодамна го пробала Encens Mythique.
„Тоа е мирис на море, на солзи. Морска сол со сите атрибути на новозеландскиот брег.“ - Desire
Чинам дека сѐ подлабоко тонам и ја запознавам нејзината душа, бидејќи веќе мојот мирис не може да издржи на мојата кожа без есенцијата на Desire.
Comments