Таа се бања и сака да знам и гледам како го прави тоа. Повторно низ оној ходник со пригушено светло.
Се врти по оската на падот на водата од тушот, како мала фигура, балерина, од музичка кутија. Млазови вода ѝ плискаат по телото додека со дланките ја собира сета вода од образите и ја води кон златестата коса.
Најпрво тивки тонови, нежно отсвирени на клавишите од Стенвеј.
Силината на водата, млазевите кои паѓаат се повеќе и ги засончуваат замрсените долги кадрици. Секоја капка удирајќи се во себе, се откинува и спојува со друга, во ритам кој нејзиното тело го следи.
Ја сака таа игра.
Таа кинетичка тензија помеѓу капките на раскинатата вода од ситото на тушот. Знае таа дека сакаат тие повторно да се спојат заедно, во еден млаз, во еден ритам, едно течение.
Ритамот е сега забрзан, истото нежно допирање на водата од нејзното тело, но слушам како телото се движи по капките како по сите клавиши од пијаното.
Ги гушка и припива кон своето тело. Сега веќе кон вратот и мазните раменици ѝ се тркалаат и спојуваат во млазови. Како потоци кои течат низ нејзините скромни гради, по мазниот рбет одзади, чиниш даваат живот во плодните долини каде ќе никне жетва што ќе го нахрани сиот свет.
Ја гледам таа вода како ја извива, небаре дрво на животот од Еденската градина.
Ми се причинува дека се околу неа ќе расцвета и оплоди.
Минува со дланките по стомакот, а таму како некој артерски бунар папокот најпрво ги задржува капките, за потоа да ги исфрли со сета своја енергија како топол гејзир.
Ѝ се слева сега меѓу нејзината машкост. Ѝ го натопува поигрувајќи си со него со нежен галеж.
И тој си игра, трепери од возбуда.
Одзади, нејзините мазни и цврсти облини се подаваат на обилните води, чиниш се плодните реки од старите времиња кои дале живот за античките цивилизации.
Секој такт е осмислен, секој такт е одмерен.
Капките веќе се пронајдоа на нејзините стапала. Таа ги раздвижува прстите. Насетува дека капките надоаѓаат, а таа преку говорот на телото го продолжува истиот танц.
Сега музиката полека се смирува. И водата веќе го доби својот мирен ритам. Бакнежот на прстите врз клавишите е дискретен.
Се заврте кон мене.
Повторно таа насмевка и тој поглед со темните продорни очи. Како да повикуваат на нова игра со водата. Равел би ја прифатил поканата; и Аргериќ исто така.
Commentaires