top of page

Verdicchio во verdaccio

Writer's picture: Trans LoverTrans Lover

Се разделивме таа долга студена ноќ. Нашите тела сѐ уште беа топли од прегратките и допирите, и топлата вода под немирниот туш.
Нејзините образи беа румени и го затоплуваа сиот воздух околу неа. Косата и го впиваше тој прекрасен судир меѓу студениот воздух и врелото пулсирање на задоволството кое беше исцртано на нејзиното лице.

Тргнав пеш, но моето тело иако затоплено под капутот, како да се предаваше преку образите и дланките пред остриот студ. Со загриженост дека е сигурна, безбедна ѝ пишав „Те сакам“. Веднаш ми врати: „И јас. Чекам автобус и како дува ветре, го мирисам бр.5.
Моите сетила не беа рамнодушни на таа нејзина цветна опсесија. Вкусот на бр.5 сѐ уште стоеше на врвот на моите усни, како траги од нектар на сите тие цветни букети насобрани во опсесивната есенција.

Со Desire ни водата не стои.
Не знам дали бр.5 има некаков магичен удел тука, дали нашата ненаситност, или пак можеби и двете, но на еден опојно непредвидлив начин таа знае да ги помести сите очекувања на кои веќе се свикнале моите сетила.

Ми вели: „Ќе го довршам автопортретот што го започнав. Знам како да го сторам тоа.
Возбуден и со блажен немир во говорот, не знаејќи што да ја прашам, со поглед и ги препуштив умствените празни креденци на нејзино тотално располагање.

Ми вели: „Вердачио (Verdaccio) е техника каде што се употребува зелена боја, или нејзина нијанса, како основа за истапкнување на топлите тонови на кожата при сликање портрети.
Ќе ја добијам зелената од Phthalo сина, окер жолта и бела, иако наместо сина, старите мајстори ја употребувале црната. Phthalo сина е прекрасна.

Се присетив на таа вечер, на нејзините врели усни и образи, жештината од нејзините очи, како се бореа со студениот воздух, не му даваа да продре и да ги изгасне.
Како фанатик седнав да пребарувам и читам за нејзината интимна желба – вердачио. Јалова беше мојата потрага и сфаќање за тој нејзин потфат. Секако, најдов што претставува вердачио, па дури и го открив прекрасното зеленкасто грозје од кое се прави прекрасно бело вино со зеленкасто жолта нијанса, со мирис на лимон, благо горки ноти на бадем. Како и улогата на овие зелени нијанси при сликањето кои служат да ги истакнат живите бои на ликот од портретот и да го трансформираат со живост, така и ова зеленкасто вино, чиниш се уште зелено, но при првата сончева светлина се прелева жолтата окер боја.

Хармонија во просторот, балансирајќи ја температурата околу себе. Топлината ѝ создаваше сигурност околу себе и во себе.

Но одговорот беше секогаш пред мене, дури и во моментите кога ќе ја прашав дали пената во полната када е накапена со бр.5. Таа заводливо ќе каже: „Јас сум бр.5“ и ќе се нурне во топлото пенесто задоволство. Образите ќе и заруменат, сочните гради ќе и набабрат, а расфрланите витки колкови ќе ѝ зрачат со нескротлива жештина.

Кога излезе од кадата, со нејзиното заруменето топло тело, небаре насликана во Мадам де Помпадур розева боја, повеќе од јасна ми е нејзината намера. Преку портретот Desire сака да ѕирне, желбата и намерата на жената во себе да биде претставена и објавена во целост.

Да доминира жената, да доминира Desire.

Мојот сладок немир стана поголем и продре подлабоко. Desire гледаше со крупните бисерни очи во мојата интима, иако не беше присутна.
Каква опивна животна моќ крие таа.
Го пренесува нејзиното присуство во мене.
Неконтролирано срцебиење, желба за допир без присуство.
Мирис без пренос, а сепак обоен.
Бакнеж без жештина, а сепак руменило и топлина.

Сигурност и живот во себе, а сепак сладок немир за мене.
21 views

Recent Posts

See All

Comments


bottom of page