top of page

Детали

Writer's picture: Trans LoverTrans Lover

Updated: Jan 8, 2022


Да се љуби и сака Desire не е прашање на едноставен избор, некакво просто избирање. Тоа подразбира и навлегување во детали.
Јас не ги знаев нејзините мистични страсти, ниту тага ни болка однапред.

Desire не препознава избирање и детализирање однапред. Со неа тоа се случува постојано, спонтано, незапирливо.

To fall in love, хах, не знам како на македонски би се превело најсоодветно, но се ми се чини дека клучот е во тоа „to fall“; да се падне.

Не е доволно да се каже некому дека го сакаме или дека искажуваме љубов. Тоа е нешто подлабоко, а длабочината значи пад. Пад во длабочината која нема дно.

Можеби најблиското чувство е кога од некоја повисока пречка ќе скокнеме и паднеме на земја, па стомакот не боли додека го искушуваме падот, се до паѓањето.
Разликата е во деталите се разбира.

Разумот ни вели дека долу има тло и дека сме на сигурно веднаш штом застанеме на нозе.

Со Desire разумот вели дека долу нема тло, дека колку и да паѓаш секогаш ќе имаш рака што ќе биде пружена, тело што ќе те држи.
Она на Desire.

Се уште се чувствувам така, Desire ме држи, ја држам и јас неа, цврсто со сета моја топлина и сила што коскенава срж ја дава на коските, а коските на мускулите. Со сето мое битие кое се родило во една точка пред многу години и го живее овој моментум денес, за утре да умре.
Паѓаме и се качуваме заедно. Емотивен и осмислен perpetuum mobile во чии што вртежи се вклопуваат безброј комбинации, шифри, тангенти од чувства и амплитуди на говор...

Работата е во деталите.

Desire е необична, волшебна, занесна, забавна, непосредна.... Се тоа, навистина. И многу повеќе.

Таа сака бриош лепче, тазе испечено во рерна, намачкано со путер и да пие топло млеко.
Ужива во полента со сирење, домашни пресни свински колбаси испржени на малку масло во тавче. Француски киш со праз, малку кромид, сланина и парчиња од истиот тој превкусен колбас. Сама го прави кишот и ужива во тоа.
Уметница.

Обожава италијанска паста од безглутенски тестенини во сос од путер, пармезан, сок од лимон и кора од лимон. Им се облизува на највкусните домашни чварки купени на Зелено пазарче од највредната бабичка.
Ми кажува колку е вкусно млечното чоколадо Галеб исполнето со цели лешници. Крупни, како што вели таа, и сочни, без да мирисаат на отстоеност како кај другите чоколади. Да, ми вели, чоколадото можеби е преблаго, но лешниците прекрасно компензираат, оти премногу ги има и се големи.
Ја обожавам кога е размачкана и неуредна по усните од чоколадото и ми се смешка со задоволство, за да ми каже дека подеднакво ме љуби како и чоколадото кое така со сласт го јаде.

Еднаш влегов во бањата (да, погодувате, таа ужива да се бања) таа беше покриена со пена, а нејзините витки и мазни бутини се надзираа над пената. Со заводлива насмевка, небаре сум ја фатил на дело, ми вели:
„Сакам да се бањам во топла вода со пена и капки од Chanel No.5, и да пијам мартини, џин Tanqueray No.10, сув вермут и со зелени маслинки.“

Таа се уште пие чај во чашата од своето детство. Рачката на чашата е тесна и има едно мало симпатично зајаче чии уши се извајани на рачката. На самата чаша тоа исто зајаче е насликано како нуркач кој се смее нуркајќи во длабочините.
Кога ја држи, средниот прст го провива низ рачката, показалецот го држи за едното уше од рачката, а домалиот прст под рачката. Малиот прст е секогаш подвиткан и скриен под чашата.
Природно, палецот е свиткан околу чашата.

Палецот на Desire има тесен корен и кон врвот на прстот, од зглобот до крајот на ноктот се формира совршен мазен овал, на кој како бел месечев срп симетрично се свива врвот на нејзиниот уреден нокт.

Не знам многу мечти и тајни на Desire, иако се чини минало вечност.
Но паѓаме заедно.
Срцевите мускули потскокнуваат и играат од падот, а разумот вели држете се во падот заедно.

Деталите се во падот.

23 views

Recent Posts

See All

Comments


bottom of page