Секој мирис, секое движење, макар и глас беа нова приказна во безграничниот простор.
Иронично, а колку само беше мал тој простор. Толку многу нешта извираа од неа, што беше невозможно да се зберат на толкаво мало парче место кое на моите очи им се чинеше непрегледно.
Боже мили колку се плашев од тој призор.
Подоцна сфатив дека сум ограничен, та дури и сега кога ќе се навратам на таа непрегледност, метални окови како сечиво од минатото ме потсетуваат за парализата на моите сетила.
Ако не ја слушнев, звуците на мојот организам кои беа произведени од моториката на моето тело, засенуваа.
Ако не ја погледнев, лишен ќе бев од очите ископани, небаре врз нив паднало најгрозоморното слепило. Ни при мртов мрак од најдлабоката пештера во најзаборавената и запустена точка длабоко во земјата, незнајно би го прогониле и одвеле во заборав и очај дури и најнадежниот слепец кој гори од желба да прогледа.
Ако не ја допрев, сетилата ќе ми отапеа, а мојата безвредност ќе беше попоследна, понебитна и позапустна од секоја последна буква на секоја светска азбука.
Дали сето тоа го правеше Таа намерно? Како да ја држеше таа тензија, тој ритам на привлекување и одбивање возможен и присутен?
Небаре игра, но не како со кукла, туку од чиста забава, заради понизност, како со кутре.
Како што ѝ прилега на секоја француска дворска отмена дама за да го покаже својот раскош пред отмени и галантни господа.
Такво беше чувството, да, оттаму и стравот, оттаму и патетиката на мојот израз.
Но грешев.
Тие сеништа исчезнаа со време. Не верувам дека ќе се вратат.
Останавме само ние, таа и јас. Подобро е така.
Просторот е испразнет од глупости, на нас останува да се исполни од почеток, засекогаш.
Comments