Таа јадеше неуредно, ускладено, доволно и заразно.
Црвениот сос од домати ѝ ги исцртуваше рабовите на крупните усни толку префинето што дури ни најскапиот молив за усни не можеше да ги испише тие розеви бразди кои пулсираат за бакнеж.
Додека бавно џвакаше, пулсот на тоа црвенило се менуваше како ритам на тивки свинг ноти пуштени на стар грамофон доволни да смират сета атмосфера и ја припремат ноќта за свечен ритуал.
Палецот од нејзината лева дланка беше покриен од блескав бел нокт, издолжен и совршено дефиниран во овална форма. Ѝ служеше како помош да ја поттурка храната на вилушката и да доврши со залакот. Ќе ја кренеше левата дланка и со размастените усни ќе го ишмукаше сиот преостанат сос од палецот.
На блескаво оформениот нокт замастен од маслиново масло и домати се чувствуваше во воздухот таа миризба измешана со излачената плунка која значење повеќе од уживање и задоволство.
И усните се повкусни кога од нив со јазикот ќе се собере сета таа црвена линија, и сите нејзини вкусови.
Тој чин ја тера да земе уште од порцијата и со истиот заразен ритуал на неуредност и ускладеност да се подаде на атмосферата.
Кога би знаел како се јаде така, и каква страст почива во нејзината приказна на софрата, никогаш иста, секогаш динамична, не ќе знаев како да живеам за секој мирис и секој залак. Кога би знаел колку живот се крие во тие моменти кога Таа јаде, мојот страв од осаменост и смрт би исчезнал засекогаш.
Бев толку несигурен во тие мигови на задоволство.
Се плашев, нејзините апетити да се поголеми од она што пеперутките во мојот стомак можеа да го поднесат. При секој изминат залак, парчиња од моето срце се јадеа меѓу себе. Со секое замастено црвенило на усните здив од мојата душа издишуваше во неповрат.
Нејзиното создавање беше храна за сиот простор, како што нејзината страст беше духот за постоење на тој простор.
И смртта умираше при секое мешање на честичките и атомите кои се судираа и го создаваа космосот во нејзините усни полни со живот.
Commenti