Размислував деновиве, осамен во оваа темна соба, засвежена од априлскиот студ, дека одамна не сум ти пишал.
Миговите споделени и изминати од последното писание нараснаа во вид на една пореална и опиплива приказна, отколку неколку пишани редови на парче хартија.
Сметам дека ова е еден од тие моменти кога дури и големината на реалноста бара да биде запишана за да не ни избега од дофат.
Пиленце мое ...
Секоја ноќ, лежејќи на овој неудобен кауч, гледам во големите крошни на јасиките преку прозорецот како сета темнина на ноќта ги скротила и нив во еден безшумен сон. Ми се чини како ноќта чини скриените гранки да не можат да ги испилат своите млади лисја и го раззеленат целиот видик во идните доцноаприлски и ранолетни утра.
Ми пречат овие згради пред мене, да.
Оти посакувам в овој миг да ги видам липите по долгиот булевар и со нетрпеливост да го дочекам раниот цут од таа прекрасна билка што ги лекува болните и немоќните.
Си замислувам, во тие опојни моменти, како априлскиот ветар, полн со цветни мириси, ти ги дува и лелее косите по лицето и заднината на твоите голи мазни раменици. И си чинам дека штом се видиме повторно и прелеташ во моите прегратки, бакнежот што твоите раштркани и немирни коси, ќе ги излекуваат моето тгело и душа, која што не може без тој амалгам што несебично го подаваш.
А ти!
Навистина, ти си тој лек, кој е сеприсутен во сликите насликани и обесени по ѕидовите, во младите ‘ркулци од билките посадени и напиени со вода до прозорецот.
Во исчекување на сето нивно раснење и раззеленување, кое преку жолтилото на сончевите зраци ќе навлезе и победи секоја Сцила и Харибда која ја опседнала тмурнава соба, јас те чекам и барам. “
Comments