top of page
Search

ПИСМА-Четврто обраќање

  • Writer: Trans Lover
    Trans Lover
  • May 11, 2022
  • 2 min read

Updated: Jun 9, 2022


ree
Заспана убавино,

Еве ме, се будам секое утро во најраната студена влага што воздухот ја создава во оваа мала соба, чии што прозорци се отворени во исчекување твоето присуство да навлезе и го стопли просторот околу мене.

Уште не облечен и неизмиен, гладен за лов, ги барам разиграните риби во твоето застаклено, мазно езерско душевно прибежиште, чија што топлина испарува среде ова утринско студенило.

Ко ненаситен ловец среде оваа пуста дивина, нескротлива, огромна и непрегледна, го барам твојот дивеч за да го вознемири инстинктот во мене.

Но ловот се чини јалов во овие утра, а заблудата уште поголема.

Она што треба да е шумолењето на потокот под отворените прозорци, тоа е машината за чистење лисја од соседниот паб и тенискиот терен.
Она што треба да се најритмичните акорди на горските птици, овде позади овој привиден призор, тоа се едноличните гакања на чавките прекинувани од гласниот ут и утринските осамени тонови на кукавицата.

Она што треба да е твоето тело легнато под мојата десна пазува за да ја стоплува страната од телото каде не е физички сместено моево срце, тоа е гушнатата мека перница со сина навлака која ги содржи твојот Коромандел и бр.5.
Утешително, таа служи само да ги ублажи болките на рамето кое цела ноќ е згрчено во присуството на твоето неприсуство.

Ќе ти го слушнам гласот во текот на денот.
Ги менуваш позициите во просторот.

Де си на едно, де на друго место.
Непостојана, но сеприсутна.

Како рибите во брзакот,
Како брзакот среде карпите во гората кои го чинат бесниот водопад.
Како дивечот кој е во исчекување да падне ноќта и излезе од своите дувла.

И сѐ така, ќе се појавиш во просторов, телово ќе ми разигра, крвта ќе ми зоврие, а душава ќе ми се расплаче.
Ќе се напиеш од потокот и најадеш од дивината на нашиов ограничен простор и ќе заминеш.

Така до следната мугра.

А јас, немирен во ноќта, барајќи го твоето тело и дишењето кое го произведува, се згрчувам да се стоплам, гушкајќи ја перницата со твоите мириси.

И сѐ така, повторно, пред секоја зора, се будам и вртам дали е тука твојата топлина.

И сѐ така ... Во круг ...

 
 
 

Comments


  • Facebook
  • Twitter
  • Instagram

Inner Pieces

123-456-7890

info@mysite.com

© 2023 by Inner Pieces.

Proudly created with Wix.com

Contact

Ask me anything

Thanks for submitting!

bottom of page