top of page

ПИСМА-Шесто обраќање

Writer's picture: Trans LoverTrans Lover

Updated: Jun 9, 2022


Рипче мирно,

Кога би знаеле моиве дланки колку се крути и несмасни, можеби не би им пружале отпор на моиве мисли кои залудно се обидуваат да им најдат начин како да те допрат во водата.

Толку длабоко, а толку бистро те разоткрива мирната вода. Не можам да оценам дали пливаш наспроти водата, или твојот мир во неа му дава ново значење на водотекот.

Дланкиве посегнуваат по просторот меѓу твојот мир и површината на глатката вода. Се мразам секој пат штом го нарушувам тој мир со мојата човечка пркос. Како пркосот да не е доволен, па мора и тој глупав инает да се вмеша, криејќи се позади опиеност од нежност, потреба за внимание и јад од мојата неспособност за прост допир.

Со секое мое влегување во твојот простор, меѓу флуидите што ти го чуваат мирот, ти ќе се поместиш низводно, за педа до две.
И толку, сѐ до нова агонија на моиве дланки.
И проклетите пак посегаат, како да не им е доволно тоа што се груби и невешти, туку мора како по некој павлов рефлекс да демонстрираат иста таква смиреност и нежност, само да те допрат.

Боже мили каква неспособност.

Рипче, па секој ловец би земал мрежа, јадица или харпун, и најгрубо би те уловил.
За повеќемината, рибите се ловат.
Можеби и во тоа е трикот што јас не го знам.

Јас не сум ловец.

Очигледно доволно сум проклет, и доволно глупав за да останам во таа моја идиотска матрица во присуство на свет од ловци. Впрочем, рибите и треба да се ловат, само така би се допреле.
Барем така велат.

А што знам па јас!
Ништо ...
Комплетно ништо.

А што знаеш ти?
Ти стоиш во водата пред мене и се поместуваш со брзи потези на педа до две од моите дланки. Ќе се поместиш и ќе се свртиш кон мене тивко и мирно во такт дишејќи со розевите шкрги, како да го чекаш секое ново вознемирување во водата, предизвикано од мојата гордост.

Можеби ти си од оние рипки што сепак им се враќаат в миг на дланките и покрај моменталното бегство.
Можеби треба да се удавам во водата, или пак, да те земам со се водата, коритото, камчињата, алгите, песокта, школките...
Можеби јас сум премногу глупав да те разберам тебе, а ти си сепак тука до мене.

Можеби...
26 views

Recent Posts

See All

留言


bottom of page