Да бев барем човек и маж, не ќе бев безкуќна кукавица што се крие од сопствената сенка која чинам натежнала ко несовладливо бреме над мојава свирепо груба градба.
Не ќе знаев како да ти пријдам, ниту погледот како да ти го ловам дур во тие ноќни мигови, во таа вечер што ја помниш, со светливите зеници, го улови јазот меѓу сенката и телово мое и го соши меѓу петиците за да ме гледаш и чуваш поцврсто.
Секое утро се гледам во валканото огледало и како одминуваат дните се плашам дека сенката повторно ќе избега, дека конците што ги држат петиците од моето тело нема да го издржат тој товар што оваа крутост го насобрала.
Ќе земам жилет, си мислам понекогаш, та ќе ги прережам ахиловите тетиви, за петиците да не чекорат. Нема каде да бега сенката тогаш, вечно ќе биде закована за овој труп.
Но што со тоа Храброст моја? Што тогаш Desire?
Како ќе те погледнам при тој сопствен пораз? Зарем затоа си моја Desire, за да го посведочиш мојот пораз?
Ти ветив дека не се предавам, дека го положив оружјето пред твојата гола снага што повика на револуција и безпоштедна борба за гол живот и создавање.
Проклети да се овие мисли мои Desire. Поган нека е овој кукавичлук, овој јадеж што како краста се насобрал и ја зел сета живост на моето битие.
Но кај тебе не постојат тие лепри заразни што ткивото го кинат и умот го роварат.
Кога би можел да ги видам планините што си ги совладала Desire,
Реките што си ги преминала, карпи разнебитила,
Пород создала, слепи излекувала,
Болести прогонила,
Смрт победила!
Допри до мене, нека мојата сенка се спои со твојата, избави нѐ обајцата од ова невреме.
Можеш, знам.
Оти, минатото нѐ гледа, сегашноста е тука, иднината е онде... Поведи ме и одведи ме.
Смртно го посакувам тоа.
Велат дека единствен начин да се победи мракот е да се бара светлината.
Грешат...
Треба да се погледне во мракот, за да се знае светлината.
Comentarios