Ниту ултразвукот добиен преку нумерички податоци или црно-бела фотографија не може да ја одреди нејзината суштина што ќе настапи од нејзиното доаѓање на овој свет.
Ниту пак отисокот од малата рака која ја турка и најпоследната препрека во утробата на мајката не ја определува амбицијата на нејзиното идно чекорење и впивање на овој турбулентен свет преку газењето на почвата со меките голи стопала, преку папиларните линии на нежните дланки, преку светлите точки во нејзините очи, преку широчината на нејзините гради кои со полн здив го дишат секој атом.
И ниту нејзиното нагонско бунтовништво да излезе од утробата не ја определува должината на нејзиниот престој на оваа планета, ни нејзината евентуална смрт, како што ни нејзиниот штотуку започнат живот не може да осуети за моментот кога нејзините очи ќе ја посведочат мојата прва средба со неа и мојата смрт.
Таа може да израсне белокожа, глатка и со крупни колкови и задница, скромни гради и крупни пупки жедни да дадат наслада за првиот пород кој со болка и плач излегол од бујниот срамен дел. Синоока со зелени пеги во зениците и црвенокос пламен кој ги жари лицето и дланките при секое нурнување во нејзината интимна женственост и крута карактерна машкост.
И во синокоса Венера чии долги кадрици ги покриваат широките пенесто морски раменици, спуштајќи се до меките колкови, криејќи ја нејзината меѓуножна скромност.
Ботичели не останал рамнодушен при овој призор, па како складност со светлината на нејзиното раѓање од морската школка, ја вдахнал и светлата точка во нејзините бисерно темни очи.
Повикува...
Таа се менува, како расте се гледаат обете, жедта за жена и оганот за маж.
Како чаша вода која циклично се празни и полни во недоглед.
Колку и да се сипа вода во стаклениот и кршлив сад, утробата трепери и се движи небаре корења распослани и несвикнати на жешката распукана неизорана почва.
Велат, на жедниот и солена вода да му се даде, тој ќе бара да пие сѐ дур не го угаси огнот занемарувајќи го солилото кое го враќа повторно на самиот почеток на агонијата.
Така е тоа со Desire, со нејзиното раѓање.
Таа не е само ембрионот во плодовата вода кој се развива во инстинктот да дојде на овој свет.
Ниту водата ни натриум хлоридот што ја осолува и не им дава мир на жедните.
Не е ниту чашата во која се сипа оваа проѕирна течност.
Таа е спојот на молекулите на дихидроген моноксид.
Хемиската реакција да го разложи натриум хлоридот во водата и оттргне неговата мачнина за жедните.
Таа е сиот тој простор кој се наоѓа во чашата, нејзин волумен, што чека да биде исполнет за усните да го допрат за да се спречи нивното сушење и распукување до крв.
Таа е вкусот на нејзината кожа, мазниот врат околу нејзините уши позади кои се препелкаат нејзините мирисни коси.
И голите раменици глатко натопени со ароми на рузмарин, лаванда и дискретна слаткост на цимет.
Таа е магнетизмот кој ми ја влече ненаситноста по соковите од нејзината плодна женственост и тврда машкост, побарувајќи и истражувајќи ја длабоко меѓу задните продорни облини.
Да не се родев не ќе знаев за нејзиното раѓање и постоење.
Да не се родеше таа, јас не ќе знаев за мојата судбина и јасната смрт што следи потоа.
Comments