Секое новороденче штом дојде на свет испушта плач. Изложени на воздух постуден од оној во утробата на мајката и нова средина за нив предизвикува огромна болка. Плачот ги шири белите дробови кај новороденчето и преку него ја исфрла плодовата вода и слузот. За нив ова е првата траума, која е истоштувачка.
Ние не се сеќаваме на раѓањето, но ја препознаваме траумата.
Го земам сега својот здив.
Тоа е истото она дишење кога прв пат ја запознав. Тогаш дишењето беше полесно, а болката беа скокотења.
Сега е поинаку, но овој пат болката е неиздржлива.
Знам дека многумина од Вас ќе гледаат со одвратност, осуда и негодување кон ова сеќавање, како и кон сеќавањата што ќе следат. Но затоа се овие сеќавања тука, за да ја одржат меморијата и да го пренесат искуството.
Одвратноста, осудата, негодувањето, не се дел од овие сеќавања, ниту пак биле причина ни последца за нивното пренесување овде. Сите чувства, болка, страдање, а особено безрезервната љубов која што е најсилниот мотиватор да се зачуваат овие сеќавања, и да се пренесат, се вистински и реални. Тие се случиле во еден момент и сѐ уште траат независно од нивниот исход.
Ок, да почнеме.
Длабоко копнеам и љубам прекрасна и скапоцена транс девојка.
Да транс девојка.
Знам дека веднаш ќе почнете со автоматско смеење, плукање, гадење и прстопокажување. Па во изблици на паника и со наоѓање на некоја вистинска дефиниција или вкалапување во некаква модла на овие два збора „транс“ и „девојка“. Гугл најверојатно и ќе ви помогне околу тоа, ако воопшто можете да ја најдете вистинската информација, но повеќе од сигурно е дека најголем дел од Вас ќе се обидат да најдат утеха во сопствените, веќе однапред, социјално конципирани, морално-етички ставови.
Да ви олеснам.
Ниту јас не знам што е транс родово лице, ниту пак транссексуалец. Тие параметри, социјално-определливи конструкти, ми се крајно непознати, и безмалку чудни.
Нема да го откријам нејзиното вистинско име. Ќе ја наречам Desire.
Desire е жена заробена во машко тело.
Тоа и јас сум го сфатил така. Тоа е дел од нејзината личност, тело, од нејзиното најинтимно и најдлабоко битие и суштествување; од нејзините најинтимни желби, најтешки болки и тага; и заради сѐ тоа безрезервно ја сакам.
Кога ја запознав битието што беше во мене незнајно и неоткриено ги разниша темелите на моите сетила. Коренот се бореше во себе да го препознае своето минато кое веќе се беше вкоренило во непостојаната сегашност.
Секој пат кога ќе помислев на неа корењата ринеа подлабоко во почвата. Секој пат кога ќе ја погледнев, тлото под моиве нозе напукнуваше и бараше ново прибежиште.
Не знаев дали крвта ми се создава или ја губам секоја капка поради немирот што моето битие го создадe. Ќе знаев и што да сторам со рацете, каква креација да излезе од нивната вештост, ако не трнеа и трепереа при секоја помисла на нејзината виткост, поглед, насмевка, допир, бакнеж...
Дел од мене умре тој ден, а дел се роди.
До денес не знам кој дел умре, а кој се родил. Сѐ ми се чини дека раѓањето и умирањето во нас се циклични, оти движат една иста работа – животот.
Comments