Не носев бели знамиња кога смртта на моето срце надоаѓаше при секое нејзино ритмичко движење на телото преку кое се исцртуваа забрзаните стапки на нејзината внатрешна пумпа за топла крв.
Не знам дали полека умирав во тие моменти, но знам дека сите мои флуиди кои значат живот и го одржуваат ова тело, истекуваа без враќање и ја полнеа фонтаната на младоста која непостојано стоеше пред мене.
Таа стоеше пред мене, голограда Револуција, небаре држејќи го триколорниот бајрак, повикувајќи ги мажите да тргнат напред во сигурна и не залудна смрт. Како да се подаваа еден по еден сите тие минати спектри кои излегуваа позади неа, следејќи ја во од, напред кон нејзината храброст и волја за гол живот.
Стојам јас, свиреп кон себе и глуп кон светот што е отворен пред мене, чекајќи за отстрел, но без желба за да се спушти знамето на пола копје, без да се положат орудијата на подот.
Капитулирам пред секој нејзин збор,
секоја нејзина мисла,
секое нејзино движење и телесна манифестација,
секоја нејзина прекрасна крива линија на усните.
Не беше ова битка на трите армии пред Аустерлиц, ниту студенилото до коски пред Бородино. Тоа беше повик да се положат орудијата и знамињата пред самата победа која беше очигледна сама по себе.
Јас, ројалист по наредба, но не и по вокација, марширајќи пред Лафреј, близу Гренобл,таа Наполеон, сама и гола на нашето поле.
Зарем да пукам во својата љубов?
Опсипан со солзи и очај, без ништо во себе, а сѐ од мене за неа, чувствувајќи ја нејзината Бонапартистичка величина, ѝ велам:
„Еве ме, твој сум! Убиј го и тоа ројалистичко копиле што остана во мене ако сакаш, веќе немам што да загубам, тебе ти се предавам целосно, кон твојата ненаситна револуција и жед за живот и смрт!“
Веќе сум нејзин, знам. И таа е моја. Засекогаш.
Но не физички, чувствувам не за долго.
Реката за мојот премин ја чувствува таа турбуленција, шумоли во немир, како да повикуваат сите трупови во нејзиното дно разбранувајќи ја површината. Бродарот со своето прастаро весло скаменето стои и чека во секој момент за и последната капка да исчезне од мене.
Дали ќе се предадам нему, или ќе ме земе оваа божица чија што желба за живот е поголема од оваа моја егзистенцијална маленкост?
Ова не е битка, ова не е смрт.
Сепак е предавање без јасна дефиниција, без сигурна патека, но со цврста намера и цел.
Јас веќе умрев еднаш кога прв пат ѝ погледнав внатре во нејзините зеници, во таа свежа есенска ноќ.
Сега само го предавам моето сѐ пред ритуалот за нејзиниот чекор кон животот што таа го посакува и тежнее.
Commentaires