Се разбудив во два часот и педесет минути по полноќ.
Немирот беше посилен од свесноста за тоа дали сум буден или сонувам и дали маѓепсан од сонот сѐ уште барам да заврши и да го догледам она што толку реално, тактилно го гледав.
Ја сакам, очајно и длабоко, си велев во тие моменти додека го смирам дишењето.
Бевме во некој непостоечки простор помеѓу Градски Ѕид и Главната пошта, Пошта 1. Некоја просторија во која имаше предмети за уредување на домот. Позадината беше бела, стерилна. Не се познаваа никакви агли, небаре бевме во внатрешност на јајце.
Таа гледаше во зелени шишиња од Tanqueray No.10. Сите беа празни, но подредени како под конец. Симетрично по браздите на шишето.
Беше поднаведната и замислена. Онака, аналитички по нејзино.
Буквално беше блиску со ликот кон шишињата. Ги набљудуваше едно по едно.
Ѝ зборував за продуктите што треба да се купат за во станот што го изнајмивме.
Не дека не ме слушаше што ѝ зборував, но беше задлабочена гледајќи ги шишињата. Типично за неа кога во нешто ќе се фокусира. Одговараше: „Мхм... Да... Мхм .. Да ...“.
Како ги одминуваше шишињата едно по едно, зелената смарагдна боја на стаклото ѝ го прелеваше ликот. Како на една од фотографиите што сама ги направила и модифицирала со зелени тонови за да ѝ помогне да го наслика нејзиниот прекрасен автопортрет во вердачио техника.
Смарагдните нијанси се прелеваа на нејзиното лице заради светлината што се прекршуваше и минуваше низ шишињата.
Во еден момент посегнав кон неа, плашејќи се да не ја загубам во таа лудорија од зелени бои. Одеднаш таа се крена, благо левитирајќи. Ме обзема силна возбуда и немир, тргнав по неа да не ја загубам. Се кренавме и обајцата допирајќи се со папиларните линии од прстите на дланките.
Comments