top of page

Тартифлет

Writer's picture: Trans LoverTrans Lover

Страста за готвење кај Desire не е само напразно готвење на збирутук од состојки со некаква надеж дека ќе излезе нешто вкусно.

Секако, не е ниту некаков израз на елитистичко цепидлачење и перфекционизам.

За неа овие две нешта се крајности во кои се губи суштината на јадењето и презентацијата на храната.

Desire сака храната да е добро зготвена, правилно и со рамномерен сооднос на состојки. Да можат убаво да се воздигнат сите сетила на јазикот и да се даде сензација на мозокот и телото воопшто.
А да, храната, барем не секоја и во сѐ и сешто, мора да биде убаво лута. Но не толку за да не се почувствува секој вкус.

Она што најмногу ја восхитува е едноставноста на зготвеното, простите состојки и брзината на готвењето. Ќе рече: „Па погледни бејб, види колку прекрасно изгледа, колку едноставни состојки, како е поставено на чинијата, а колку величенствен вкус има!

Desire ја обзема рустикалноста при готвењето.

Тартифлет.

Се присетувам дека тоа беше основата на нашиот прв разговор за едноставност во готвењето. Desire пробала тартифлет за прв пат при нејзиниот престој во Франција на Алпите.
Два методи има за да се зготви и двата сум ги пробала“, ми вели. „Искрено, и двата ги сакам, но онаа во која компирите се варат во бело вино некако ми е при срце“, додава, па продолжува „Знаеш бејб, сакам да пробам да ги варам во вермут, Lillet Blanc или Martini Bianco.

Тартифлет, или на француски Tartiflette, се прави од компири (варени), сланина, исечкана на коцки, една до две главици кромид, сол и бибер, крем фреш и француско сирење реблошон (reblochon).
Јадењето е карактеристично за регионот на француските Алпи во областа Савој.

Има еден посебен мирис оваа скромност во тавче. Врелите сварени компири исечкани на кругови кои ги нацицале сите ароми кои што белото вино ги споило кај крупно сечениот кромид и крцкаво соленкастата сланина предизвикуваат експлозија на емоции и задоволства. Сета таа едноставна комбинација при самиот залак како да се лизга и смирува со совршениот спој на кремавиот реблошон и сочниот крем фреш. Таа претпочита да се најде вистински крем фреш, од полномасно млеко, а не обичните хопли за готвење со палмини масла.

Ваквите јадења, како што вели Desire, даваат една удобност за духот, една посебна едноставност во уживањето, а сепак да ги обноват и возвишат најслатките и најдлабоките тајни на сите човекови сетила.
Од една страна, тука е едноставната рустикалност, но од друга, таа ненаситна човекова потреба да ужива во секој вкус макар било и наједноставното јадење во Светот.
Јадењето, вели Desire, не е само насилно туркање на храната низ хранопроводот, туку е тест за сетилата, тест за емоциите и самиот себе. Константно нурнување во нови откритија и барање нови граници за желбите во нас.
Првата вечера кога бевме сами во нашата интима, свои на своето, сетила во сетилата, Desire направи тартифлет.
Мерлото лизгаше низ нашите грла и ја разгоруваше желбата за наслада.

Не знам кон што повеќе итаа моите сетила. Дали кон Desire или кон посакувањата и инстинктите што ги нудеше софрата.

Сега, пишувајќи ги овие неколку реда, веќе знам дека душевните и интимни вкусови на Desire се пресна топлина за мојава незаситлива глад по нашата интимна рустикалност.


П. С.
10.03.2022, 23:22 часот
Со Desire денес вечеравме Tartiflette пиејќи вино Baron de Valls. Црвено шпанско вино од сортите монастрел, бобал и темпранило. Го има во Веро за неверојатни 215 денари.
Топло го препорачуваме.

Читајќи го текстот токму за вечерата, Таа прокоментира:
"Крем фреш, како збор и продукт, кај нас ги нема.
Затоа што самиот крем фреш е по лесен од хоплата. Тој ја има убавината на јогуртот, но не е јогурт.
Има една ведрина во вкусот.
Се сеќавам, еден мој добар пријател од Франција, доаѓаше кај нас за да оди во Украина, па ме праша што да ми донесе.
Му реков Крем Фреш!
Се зачуди и ми укажа дека не е сигурен дали ќе издржи дур ми го донесе; да не се расипе.
Но не се расипа, го донесе токму на време.
Ете затоа Крем фреш е посебен."

Прекрасна е, нели?


41 views

Recent Posts

See All

Comments


bottom of page