За неа тоа не е само зготвен материјал, шлакнат на тавче или напикан во тенџере во обилност и без никаква естетика и смисол само за да се прикаже дека нешто ќе се јаде и дека тоа само по себе е гурманлук.
Не.
За Desire храната е внимателно испржени јајца на око, со крцкава кора околу нивните рабови, ненатопени во масло. Златно жолта течна некоагулирана жолчка наросена со сол бибер и сув лут пипер. Дебело, сочно и крцкаво свинско колбавче кое налутнува на врвот од јазикот и чиј што зачин од крупни парчиња лук дава експлозија на врелата маст меѓу добро одбраните парчиња месо. Неодминлива лажичка на оригинален француски дижон сенф, и две парчиња безглутенски леб подзапечени во маста што преостанала на тавчето.
Со парче од работ на запеченото лебче ќе ја боцне средината на жолчката и со бавни движења, најпрво кружни спротивно од стрелките на часовникот, за да го натопи лепчето, а потоа и со странични движења ја собира жолчката, заедно со зачините на меко запржената белка.
Држејќи го лепчето со врвовите на трите први прста, го движи кон гладните усни, најпрво пречекувајќи го со сочниот јазик, а потоа го зема со меките усни, не давајќи му на гледачот да го види задоволството на забите како го откинуваат. Сака да ја штипка и втората жолчка со ново парче леб, за да ја откине средината, и дозволи да се растече коагулацијата по чинијата. Го мачка едното лепче со ајвар, а потоа врз него става едно од сочно испржените јајца со здробена жолчка.
Со иста страст под увце ми вели: „Сакам да ми зготвиш паста, од таа лутата, al arrabiata. А знаеш, може и со морски плодови.“
„Да земеме домашно спремени инчуни од пилјарата спроти Центарот за странски јазици, а може и некое канче домашни лигњи во маслиново масло и копар.“
„Сакам да ја почувствувам лутината на малите лути црвени пиперчиња ставени во тегла со маслиново масло, лук и оригано. Како се мелат под силните удари на кујнскиот нож. Тенко исечените три чешниња лук и од доматниот сос. Сакам да ја осетам лутината на спржените пиперчиња со лукот, блажината на додадениот доматен сос и напливите од кутлачата солена вода во која се варат букатините.
А како десерт, по малку шпагети со морски плодови, знаеш од тие што пред некој ден ги готвевме. Само овој пат не ставај бело вино, стави повеќе лимон и стави капари, а ми се допаѓа и вкусот на младиот лук додаден на самиот крај на готвењето на пастата. Ги ослободува сите вкусови.“
Pinot Grigio на масата. Не сме го пробале на Винарија Попов, а на Камник веќе ни е позната оваа италијанска мајсторија.
Бела мутација на Pinot Noir чии што гроздови транспонираат од бананесто жолти, преку ќилибарно жолти бои, се до розевкасто кафени зрна. Леснотијата на оваа светлост на бои со своите чисти деликатни и комплексни ароми го мами јазикот да ги чувствува белите цветови од камилица, меденоста во усната шуплина и распрсливите вкусови на суптилна крцкавост и киселкост.
Чаша по чаша.
Усните и беа размачкани со бојата на вкусовите.
Превртувајќи ги очите го коментираше секој залак богато нанижан на сребренестата вилушка.
„Колку прекрасно лути бејб. И како се надополнува виното со густината на сосот. Ми доаѓа да го излижам целиот тањир.
И инчуните. Ах, каква соленост даваат на сосот, како си играат со капарите во оваа морска течност. Ау, љубов, кората од лимонот колку ги спојува ароматичниот лук и инчуните. Ова сакам да го јадам секој ден.
Чекај да пробам од виното сега.
Мх, фантастично!“
Во екстаза на задоволство ги испружи рацете, го фати работ на масата и со дланките го оттурна своето задоволно тело наназад кон столот и со отворена насмевка и широко отворените очи ги отвори сите пори што беа содржани како извор на живот во неа.
„Сега ми се јаде малку благо.“ се насмевна. „...И кафе.“
Comments